Шеста интервенција

Шеста интервенција на Планинската Спасителна Служба од почетокот на годината

 

Оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, во 9:00 часот, прими повик од граѓанин за случена несреќа при пад на лице на карпест терен, со кое заедно биле да собираат шумски плодови. За лоцирање на местото на несреќата беше  искористен СМС системот за лоцирање, кој е воспоставен во рамки на проектот „Регионот Oхридско Eзеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, Програма за прекугранична соработка МК-АЛ. Веднаш по лоцирањето на местото на несреќата, два тима на ПСС се упатија на терен, и во 10:35 часот пристигнаа на местото на несреќата. На повреденото лице, веднаш му беше укажана прва помош, беше запрено обилно крварење и изведена имобилизација на целото тело, по што започна сложена постапка за транспорт и евакуација на повредениот. Поради непристапноста на теренот, беше спроведена една од покомплексните акции за евакуација на повреден, при што беа вклучени 7 спасители од ПСС и соодветна опрема за спасување на деликатен технички терен. По 3 часа и 15 минути, во 13:50 часот, повредениот беше предаден на Итната медицинска помош при Здравствен дом Охрид, која му пружи стручна лекарска помош на лице место и го транспортира повредениот до соодветна здравствена институција, на понатамошно лекување.

Со оваа интервенција, која е шеста по ред, се доближуваме до рекорден просек од една интервенција месечно, што уште еднаш укажува на неопходноста од постоење на ефикасен систем за спасување на планина и непристапни терени, особено во регионите во кои интензивно се развиваат различни форми на авантуристички туризам.

Ја користиме оваа прилика, уште еднаш да изразиме голема благодарност за пожртвуваноста на волонтерите од Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, како и на припадниците на СВР Охрид и Итната медицинска помош, кои секогаш максимално се ангажираат да помогнат на тимовите од ПСС.

На повредениот му посакуваме брзо опоравување од повредите и апелираме до сите љубители на планините и природата, кои се движат во пограничниот регион околу Охридското Езеро, при своите авантури, со себе да носат соодветна опрема, како и опрема за укажување на прва помош и мобилни телефони со полна батерија, на кои претходно ќе ја инсталираат апликацијата за брзо алармирање на ПСС или ќе го меморираат посебниот број за СОС повици 13-112, на кој 24 часа, 7 дена во неделата можат да се обратат за помош.

 

Шеста интервенција на Планинската Спасителна Служба од почетокот на годината

 

Линк: https://pss.org.mk/shesta-interventsija-na-pss-od-pochetokot-na-godinata/ 

< Image Image Image Image Image Image Image Image Image Image